Volkswagen е во преговори за производство во Индија

22

Германскиот производител на автомобили Фолксваген преговара за партнерство за производство на автомобили во Индија, објави главниот финансиски директор Арно Антлиц.

„Разговорите се многу добри и многу конкретни“, изјави Антлиц за Ројтерс, без да наведе повеќе детали.

Тој изјави дека разгледуваат различни опции, но дека има јасна можност за соработка во сегментот на лични автомобили, пренесува SEEbiz.

Според него, индискиот пазар несомнено има потенцијал, иако е тешко да се заработат пари во Индија бидејќи клиентите бараат поевтини автомобили.

„Мислам дека пазарниот потенцијал на Индија не треба да се потцени, меѓу другото поради регулаторната несигурност меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Кина“, објасни Антлиц.

Компанијата моментално има две фабрики во Индија кои минатата година произведоа околу еден процент од возилата испорачани на клиентите ширум светот, а до крајот на деценијата марките на групата сакаат да освојат пет проценти од индискиот пазар.

Škoda веќе најави дека во првата половина на следната година ќе дизајнира и ќе започне со производство на целосно нов модел на спортски теренец, наменето за индискиот пазар.