Volkswagen го прославува 45-тиот роденден на Golf GTI

54

Volkswagen првиот Golf GTI го претстави во 1975 година на Салонот во Франкфурт, а 45 години подоцна легендарната ознака го продолжува наследството.

Првиот Golf GTI во Volkswagen го развивале во целосна тајност, а кога управата на германскиот производител во март 1975 година даде зелено светло за почеток на производството на моделот кој се смета за пионер во „хотхеч“ сегментот, не можеа ниту да претпостават дека наместо планираните 5.000, на крајот ќе направат и продадат 461.690 примероци.

Golf GTI од втората генерација пристигна во 1984 година. Со два вентили по цилиндар, 1,8-литарскиот четирицилиндричен мотор располагал со 112 КС, а помоќната верзија со повеќевентилски мотор (GTI 16v) на возачот му нудела 139 КС. Со воведувањето во целата приказна на G60 компресорот, најмоќниот GTI од втората генерација располагал со 160 КС.

Третиот Golf GTI е претставен во 1991 година, а се напојувал со новиот 2,0-литарски четирицилиндричен мотор кој развивал 150 КС, што било доволно за 215 километри на час максимална брзина, а спринтот од нула до „стотка“ го достигнувал за 8,3 секунди.

Исчекор од неколкуте дотогаш препознатливи детали направени се со Golf GTI од четвртата генерација кој се нудел во комбинација со бензински и дизел мотори, а на врвот на понудата, во чест на одбележување на 25 години од првиот Golf GTI, била и 1,8-литарската четирицилиндрична турбобензинска верзија со 180 КС.

Со петтата генерација на Golf GTI, Volkswagen во целата приказна ја враќа и црвената рамка од маската на ладилникот и карактеристичните карирани навлаки на седиштата. 2,0-литарскиот турбобензински четирицилиндричен мотор развива 200 КС, а со подоцнежното јубилејно издание моќта е зголемена на 230 КС. Таквиот Golf GTI достигнува максимална брзина од речиси 250 километри на час.

Volkswagen во 2009 година ја претстави шестата генерација на Golf GTI, а за прв пат се воведува и електричната ограничена блокада на диференцијалот на предната осовина. Моќта на 2,0-литарскиот четирицилиндричен турбобензинец изнесува 211 КС, а моторот во изданието со кое Volkswagen го одбележа 35-тиот роденден на GTI е „набилдан“ на 235 КС, што било доволно за спринтот од нула до “стотка“ да го достигне за 6,6 секунди, а максималната брзина да изнесува 247 километри на час.

Со седмата генерација на Golf GTI, Volkswagen за прв пат веќе на почетокот понуди 2,0-литарски турбобензински четирицилиндричен мотор со две нивоа на моќност (220 КС и 230 КС), а помоќната верзија, со Performance пакет, достигнувала до 250 километри на час.

На врвот на понудата се наоѓаше Golf GTI Clubsport S наменет за љубителите на возењето на патеките во чиј дволитарски турбобензински мотор одделот Volkswagen Motorsport смести дури 310 КС.

Неодамна претставениот Golf GTI од осмата генерација, чиј 2,0-литарски четирицилиндричен турбобензински мотор развива 245 КС, допрва треба да се докаже, но сите се убедени дека ќе продолжи по патот на успехот по кој во изминатите 45 години одат неговите претходници. Среќа за Volkswagen што управата во таа далечна 1975 година биле благонаклони кон резултатот на инженерите-ентузијасти кои помислиле дека Golf би можел да биде и повеќе од скромно превозно средство.

Преземено од Avtoplus.mk