Volkswagen со раст од 74% кај електричните автомобили

26

Раст од 74% на понудата на електрични возила за првите три месеци од годинава објави Volkswagen – 53.400 се продадени. Клучна улога во ова зголемување има новиот ID.4 – 30.300 единици од овој модел се испорачани на клиентите.

VW го потврди проширувањето на производствените капацитети за ID.4 – од 20 мај фабриката на компанијата во Емден ќе започне со масовно производство на моделот, а во втората половина на годината ќе започне со производство на ID.4 во Чатануга, САД. Податоците на VW покажуваат дека побарувачката за семејството ID продолжува да расте, со повеќе од 120.000 нарачки од клиенти регистрирани досега.

VW Group, исто така, забележа историски врв во заостанатите нарачки за сите нејзини модели – само во Европа, производството и испораката на повеќе од 670.000 нови автомобили беше одложено, а компанијата изјави дека се прават сите напори да се надмине овој заостаток.

За првиот квартал од годината, приходите од продажба изнесуваат 14,9 милијарди евра, што е за 15,3% помалку отколку во истиот период од 2021 година.

Во Западна Европа се испорачани 215.400 нови автомобили, што е за 20,5% помалку отколку во првите три месеци од минатата година. Падот е поголем во Централна и Источна Европа – испорачани 34.000 автомобили наспроти 53.800 во првиот квартал од 2021 година. Најголем пад има во Јужна Америка – минус 52 проценти – 52.300 автомобили сега наспроти 109.200 единици во периодот јануари-март минатата година.

Од почетокот на годината до крајот на март оперативната добивка на VW Group се зголеми на 513 милиони евра, наспроти 490 милиони евра лани. Приходите од продажба достигнаа нешто помалку од 15 милијарди евра наспроти 17,6 милијарди во првиот квартал од 2021 година.

„Во ова тешко опкружување, успеавме дополнително да ја подобриме нашата економска ефикасност“, рече извршниот директор на Volkswagen, Ралф Брандштатер. „Ова само нагласува дека VW го избра вистинскиот пат за постигнување долгорочно подобрување на конкурентноста и профитабилноста на компанијата со стратегијата Accelerate. Поставивме многу цврста основа за забрзана трансформација кон мобилност со нула јаглерод и целосно интегрирана мобилност“.