Волонтерска еко акција на Пивара Скопје: Собран отпадот од брегот и водите на Матка

13

foto_5

Свесни за огромното значење на чистата и здрава животна средина, по успехот на минатогодишната акција за чистење на кејот на Вардар, вработените и членовите на менаџерскиот тим на Пивара Скопје, организираа нова волонтерска еко акција, овој пат за чистење на брегот и водите на езерото Матка, стои во соопштението.

Во новата акција под мотото Рециклирате ли?, покрај минатогодишните партнери – компанијата Пакомак и Амбасадата на Холандија во Македонија, се приклучија и Британскиот амбасадор со неговиот тим, како и нуркачите од спелеолошкото друштво Врело, кои беа задолжени за вадење на неорганскиот отпад од водите на езерото.

“Среќен сум што денеска заедно со моите колеги, вработените во Пивара Скопје и нашите пријатели и партнери, одново покажавме дека кога се работи за животната средина, подготвени сме, покрај како организации и компании, да делуваме и како индивидуи, вложувајќи дел од нашето работно време и енергија со цел ја зачуваме природата чиста и здрава. Истовремено, на ваков начин придонесуваме и за остварување на националните цели и таргети во управувањето со отпадот од амбалажа, што е значајно за целата земја“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.

“Македонија е земја со прекрасна природа којашто сите ние треба да ја почитуваме и заштитуваме. Се надевам дека ваквите акции ќе бидат пример и поттик за сите граѓани и посетители на овој живописен предел дека одговорноста за зачувување на оваа убавина лежи во секој од нас“, смета британскиот амбасадор, Чарлс Гарет.

За холандскиот амбасадор, кој по вторпат учествува во еко акциите што ги организира Пивара Скопје, ова претставува најдобар начин како да се зголеми јавната свест за проблемот со загадувањето.

“Луѓето многу често сакаат да дебатираат за глобалните проблеми, без да се запрашаат дали и тие лично придонесуваат за нив. Гледајќи го проблемот со загадувањето на природата во оваа или било која друга земја, мојот апел до сите граѓани е дека време е секој од нас, размислувајќи глобално, да почне да делува и локално“, дециден е холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп.

Целокупната логистичка поддршка за собирање, транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад од оваа еко акција ја обезбеди компанијата Пакомак, чија основна дејност е управување со отпадот од пакување.

“Како компанија којашто силно е посветена на минимизирање на било какви несакани ефекти од амбалажниот отпад врз животната средина, нѐ радуваат вакви акции, бидејќи тие покажуваат дека не сме осамени во остварувањето на нашата мисија. Охрабрени од придонесот од ваквите акции, сметаме дека поставените цели и таргети во поглед на управувањето со отпадот од амбалажа до 2020-та година, не само што се остварливи, туку заеднички можеме и да ги надминеме“, вели Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.

Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Coca – Cola HBC во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на Heineken, Пивара Скопје спроведува континуирани  активности насочени кон правилно управување со отпадот од амбалажа, како и намалување на потрошувачката на енергија и вода. За своите досегашни заложби во овој домен, како и остварените резултати во заштита на животната средина, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca – Cola HBC групацијата, и оваа година, по четврти пат последователно, е прогласена за светски лидер во одржливост, според глобално рангирање што го прави Дау Џонс индекси за одржливост.