На Волстрит берзанските индекси благо паднаа, откако челниците на американската централна банка нагло ги намалија каматните стапки и најавија дополнителни намалувања до крајот на годината.
Dow Jones загуби 0,25 отсто, на 41.503 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,29 отсто, на 5.618 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,31 отсто, на 17.573 поени.
Тие ги намалија каматните стапки за прв пат по четири години
По дводневната седница, челниците на ФЕД одлучија вчера за прв пат по четири години да ги намалат каматните стапки, за агресивни 0,50 процентни поени, на опсег од 4,75 до 5 отсто.
Сметаат, велат во соопштението, дека инфлацијата постепено опаѓа кон целното ниво од 2 отсто и оценуваат дека ризиците за нивните цели во однос на пазарот на труд и инфлацијата сега се избалансирани.
По зголемувањето на каматните стапки со години за да се потисне инфлацијата, челниците на ФЕД проценуваат дека, по ова агресивно намалување, дополнително ќе ги намалат каматните стапки за 0,50 процентни поени до крајот на годината, а за цел процентен поен во следната година .
„Се обидуваме да постигнеме стабилност на цените без да предизвикаме болно зголемување на невработеноста… Овој потег ја покажува нашата посветеност за постигнување на таа цел“, рече претседателот на ФЕД Џером Пауел на прес-конференција.