Волстрит падна, инвеститорите загрижени за растот на цената на нафтата

83

На Волстрит во вторникот, берзанските индекси загубија дел од своите добивки од минатата недела, бидејќи инвеститорите стравуваат дека порастот на цената на нафтата ќе ги зголеми инфлаторните притисоци, што ќе ја направи ФЕД поагресивна во затегнување на монетарната политика од очекуваното.
Dow Jones падна за 222 поени, или 0,67 отсто, на 32.990 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,63 отсто на 4.132 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,41 отсто, на 12.081 поени.

Откако минатата недела скокнаа за повеќе од 6 отсто, прекинувајќи ја еднонеделната негативна низа, индексите вчера умерено паднаа на најголемата светска берза.

Инвеститорите беа загрижени за растот на цената на нафтата, по веста дека лидерите на Европската унија постигнале договор за забрана на увоз на руска нафта што се испорачува со бродови.

Ако цените на енергијата продолжат да растат, тоа би можело дополнително да ги зголеми инфлаторните притисоци, што ќе ја натера американската централна банка да ги зголеми каматните стапки поагресивно од очекуваното.