Волстрит падна по пораката на ФЕД

21

На Волстрит берзанските индекси паднаа трет ден по ред, откако американската централна банка повторно ги зголеми каматните стапки и сигнализираше дека може да има пауза во процесот на заострување на монетарната политика.

Dow Jones загуби 0,80 отсто, на 33.414 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,70 отсто, на 4.090 поени, а индексот Nasdaq 0,46 отсто, на 12.025 поени.

ФЕД ги зголеми каматните стапки
Очекувано, на редовниот состанок во средата, челниците на ФЕД ги зголемија клучните каматни стапки за дополнителни 0,25 процентни поени, на опсег од 5 до 5,25 отсто.

Тоа беше веќе десетто по ред зголемување на каматите, но веројатно е дека, сигнализираше централната банка, ќе има прекин на циклусот додека не се видат ефектите од поскапувањето на парите.

Сепак, тоа не значи дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен, бидејќи претседателот на централната банка Џером Пауел на прес-конференција рече дека е можно дополнително зголемување доколку е потребно. Ова ќе се одлучува на секоја следна седница.

„Веруваме дека инфлацијата нема да се намали толку брзо“
Пауел рече дека инфлацијата се намалува, но дека има уште долг пат до целното ниво од 2 отсто.

„Ние веруваме дека инфлацијата нема да се намали толку брзо. Ќе биде потребно извесно време, а во таква ситуација не би било соодветно да се намалат каматите, а ние нема да го направиме тоа“, изјави Пауел.

На европските берзи вчера цените на акциите пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,20 отсто, на 7.788 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,56 отсто, на 15.815 поени, а париски CAC 0,28 отсто, на 7.403 поени.