Волстрит падна втор ден по ред

53

На Волстрит, берзанските индекси во вторникот паднаа втор ден по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат од нови проблеми во регионалните банки додека ја чекаат одлуката на американската централна банка за натамошно зголемување на каматните стапки.

Dow Jones загуби 1,08 отсто, на 33.684 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,16 отсто, на 4.119 поени, а индексот Nasdaq се намали за 1,08 отсто, на 12.080 поени.

Најмногу вчера паднаа цените на акциите на регионалните банки. Индексот KBW на тој сектор потона за 5,5 отсто, спуштајќи се на најниските нивоа од ноември 2020 година.

Инвеститорите се загрижени за регионалните банки, иако First Republic, банката која беше под најголем притисок во последните недели, беше спасена откако нејзините средства беа купени од JPMorgan во понеделникот.

Регионалните банки се под притисок од март, кога две пропаднаа, а инвеститорите стравуваат од нови проблеми, имајќи предвид дека американската централна банка ги зголемува каматните стапки поради високата инфлација.

„Инвеститорите се плашат дека кризата во регионалните банки не е завршена и дека натамошното зголемување на каматите може да предизвика нови проблеми. Се повеќе се зборува за проблеми со комерцијалните недвижности“, вели Квинси Крозби, стратег во LPL Financial.

Инвеститорите се исто така претпазливи бидејќи се очекува претставниците на ФЕД да ги зголемат каматните стапки за дополнителни 0,25 процентни поени во среда, на опсег од 5 до 5,25 проценти.

Од пораките на првиот човек на централната банка за понатамошната судбина на каматните стапки и за состојбите во стопанството, во голема мера ќе зависи насоката на пазарот во наредните денови.

Во последните денови пазарот го поддржаа подобри од очекуваните квартални деловни резултати. Поголемиот дел од компаниите од индексот S&P 500 забележаа повисоки профити во првиот квартал отколку што очекуваа аналитичарите.

Затоа, истражувањето на Ројтерс сега проценува дека заработката на компаниите во првиот квартал била за 1,4 отсто помала во однос на истиот период лани, додека на почетокот на сезоната на објавување резултати се очекуваше пад на добивката од околу 5 отсто.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE се лизна за 1,24 отсто, на 7.773 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,23 отсто, на 15.726 поени, а париски CAC се намали за 1,45 отсто, на 7.383 поени.