Волстрит падна втор ден по ред

78

На Волстрит цените на акциите паднаа втор ден по ред во средата бидејќи немаше напредок во преговорите меѓу демократите и републиканците во Вашингтон за зголемување на задолжувањето на државата.
Dow Jones загуби 0,77 отсто, на 32.799 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,73 отсто, на 4.115 поени, а индексот Nasdaq 0,61 отсто, на 12.484 поени.

Падот на индексот втор ден по ред е последица на немањето напредок во преговорите меѓу претставниците на американскиот претседател Џо Бајден и републиканците за зголемување на горната граница на националниот долг од 31.400 милијарди долари.

Доколку до 1 јуни не се постигне договор кој би добил „зелено светло“ во Конгресот, би дошло до нарушување на финансирањето на работата на федералните институции.

„И на почетокот на неделата инвеститорите беа многу оптимисти и очекуваа договор за задолжување. Но, како што се приближуваме до крајниот рок од 1 јуни, тие стануваат повнимателни“, објаснува Анџело Куркафас, стратег во Едвард Џонс.

Дури и да се постигне договор, прашањето, вели тој, е што ќе вклучува тој. Отстапките во буџетските трошења би можеле да влијаат на растот на економијата.

Инвеститорите се воздржани и поради неизвесноста околу каматните стапки на американската централна банка.