Волстрит паѓа поради тензиите околу Тајван

53

Вчера, Волстрит забележа пад, втор ден по ред, најмногу под влијание на геополитичките тензии предизвикани од посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси, на Тајван, и покрај кинеските предупредувања.

Во вторникот Dow Jones падна за 402,23 поени или 1,23 отсто, на 32.396 поени, S&P 500 индексот падна за 0,67 отсто, на 4.091 поен, а Nasdaq за 0,16 отсто, на 12.348 поени.

Посетата на Пелоси ја покажа солидарноста на САД со островот, кој Кина го смета за дел од својата територија, поради што таа ја осуди првата ваква посета во последните 25 години, велејќи дека тоа ги загрозува мирот и стабилноста.

На вчерашниот пад на S&P најмногу влијаеше ценовната корекција на акциите на Microsoft и Visa, за 1,1 и 2,4 отсто, бидејќи тие компании се силно изложени на кинескиот пазар. Сите 11 берзански сектори вклучени во индексот S&P 500 забележаа пад, а во однос на загубите предничи секторот на недвижности со пад од 1,3 отсто, а финансискиот за 1,1 отсто.

„Што се однесува до рецесијата, веќе не е прашање дали, туку кога“
Последните податоци на американското Министерство за труд за падот на новите вработувања во јуни во САД за 5,4 отсто, пак, ги предупредија инвеститорите дека побарувачката на пазарот на трудот се намалува.

„Постои неизвесност околу посетата на Пелоси на Тајван, но добиваме и нови податоци кои укажуваат на економско забавување. Што се однесува до рецесијата, не се работи за „ако“, туку „кога и колку длабока“ ќе биде таа“, вели  Сем Стовал, стратег во Њујорк на CFRA Research.