Волстрит порасна

На Волстрит цените на акциите пораснаа бидејќи новите податоци покажаа дека инфлацијата во САД дополнително се намали, па инвеститорите веруваат дека челниците на ФЕД нема да ги зголемат каматните стапки на тековната сесија. Dow Jones зајакна 0,43 отсто, на 34.212 поени, додека S&P 500 порасна за 0,69 отсто, на 4.369 поени, а индексот Nasdaq 0,83 отсто, на 13.573 поени.

Инвеститорите ги израдуваа податоците според кои инфлацијата во САД дополнително се намали. Во мај, имено, потрошувачките цени се зголемени за 4 отсто во однос на истиот месец лани, што е значително помал раст во однос на 4,9 отсто еден месец претходно. Тоа е и најниската стапка на инфлација во повеќе од две години, па инвеститорите се убедени дека челниците на американската централна банка нема да ги зголемат каматните стапки на дводневната седница, која завршува денеска.

Аналитичарите: ФЕД повторно ќе ги зголеми каматните стапки на лето
Неколку функционери на ФЕД во последните недели изјавија дека можеби треба да се одморат од постојаното зголемување на каматните стапки, кое трае од почетокот на минатата година, додека не се види колку претходните зголемувања влијаеле на инфлацијата и економијата.

На пазарот на пари, моментално се проценува дека има повеќе од 90 отсто шанси челниците на ФЕД да ги остават каматните стапки непроменети оваа сесија, во опсег од 5 до 5,25 отсто.

Но, бидејќи основната стапка на инфлација, која не ги вклучува цените на храната и енергијата, сè уште е многу висока, повеќето аналитичари сметаат дека ФЕД, по паузата во јуни, уште еднаш ќе ги зголеми каматните стапки во јули. На пазарот на пари се проценува дека има повеќе од 60 проценти шанси за ова.