Волстрит порасна, иако инфлацијата не се намалува

Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во вторникот, при што Nasdaq достигна рекордно високо ниво, иако високата инфлација во САД може да ги задржи каматните стапки повисоки од очекуваното.

Dow Jones зајакна 0,32 отсто, на 39.558 поени, додека S&P 500 порасна за 0,48 отсто, на 5.246 поени, а Nasdaq индексот 0,75 отсто, на рекордни 16.511 поени.

На почетокот на тргувањето вчера, инвеститорите беа внимателни бидејќи новите податоци покажаа дека цените на производителите во САД се зголемија за 0,5 отсто месечно и 2,2 отсто на годишно ниво во април, повеќе од очекувањата на аналитичарите.

Ова значи дека инфлацијата ќе остане покачена подолг период отколку што се надеваа инвеститорите, а исто така значи дека каматните стапки на американската централна банка ќе останат покачени подолго од очекуваното.

Тоа го изјави вчера претседателот на ФЕД Џером Пауел.

„Не очекувавме дека ќе биде лесно. Но, тие бројки за инфлација се повисоки отколку што некој очекуваше. А тоа ни кажува дека треба да бидеме трпеливи и да оставиме рестриктивната монетарна политика да си ја заврши работата“, рече Пауел на состанокот на банкарите.

Во поново време, инвеститорите се надеваа дека ФЕД агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, но очигледно тоа нема да биде случај, а намалување на каматните стапки е можно дури наесен.

Сепак, по вчерашните податоци, стивнаа очекувањата дека ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки во септември.

И покрај тоа, берзанските индекси вчера пораснаа бидејќи инвеститорите беа охрабрени од пораката на Пауел дека не очекува зголемување на каматните стапки и покрај зголемената инфлација.

„Пазарот веќе сфати дека каматните стапки ќе останат покачени подолго отколку што се мислеше. Во последните недели дури имаше прашање дали ФЕД уште еднаш ќе ги зголеми каматните стапки, но Пауел вчера рече дека тоа не се разгледува сега“, вели Линдзи Бел, аналитичар во 248 ventures, објаснувајќи зошто индексите на берзата пораснале.

Во среда ќе биде објавен извештајот за потрошувачките цени во САД, што исто така може да влијае на насоката на пазарот.

Аналитичарите во анкетата на Ројтерс проценуваат дека основната стапка на потрошувачки цени, која не ги вклучува цените на храната и енергијата, може да се зголеми за 0,3 отсто на месечно ниво во април, а 3,6 отсто на годишно ниво.