Волстрит порасна откако ФЕД ги зголеми каматните стапки

87

На Волстрит во средата цените на акциите пораснаа откако Федералните резерви на САД ги зголемија каматните стапки за остри 0,75 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата, најави натамошни зголемувања на каматните стапки и ги намали проценките за економскиот раст.

Dow Jones зајакна за 303 поени или 1 отсто, на 30.668 поени, додека S&P 500 порасна за 1,46 отсто на 3.789 поени, а индексот Nasdaq 2,50 отсто на 11.059 поени.

По пет дена пад, вчера цените на акциите на најголемата светска берза пораснаа, но тргувањето беше неизвесно бидејќи ФЕД ги зголеми каматните стапки за дури 0,75 отсто, што е најголемото еднократно зголемување на цената на парите од 1994 година.

Уште на почетокот на годината каматните стапки се движеа од 0 до 0,25 отсто, а сега се движат од 1,5 до 1,75 отсто, што е нивно највисоко ниво од март 2020 година и избивањето на корона кризата.

А, следуваат дополнителни зголемувања на каматните стапки, имајќи предвид дека инфлацијата е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8,5 отсто, па според проценките на челниците на ФЕД, на крајот на годината каматните стапки би можеле да достигнат 3,4 отсто, што е највисоко од 2008 година.

Така, на следната седница на ФЕД во јули, каматните стапки би можеле да се зголемат за 0,50, а можеби и повторно за 0,75 отсто.