Волстрит внимателен, индексите стагнираа

14

На Волстрит, берзанските индекси останаа речиси непроменети по променливото тргување, додека инвеститорите ги анализираат кварталните деловни резултати на американските компании.

Dow Jones загуби 0,11 отсто, на 38.460 поени, додека S&P 500 зајакна 0,02 отсто, на 5.071 поен, а индексот Nasdaq 0,10 отсто, на 15.712 поени.

По два дена добивки, пазарот се смири додека инвеститорите ги следат деловните извештаи на компанијата. Повеќето од нив постигнаа подобри резултати од очекуваното.

Додуша, резултатите на Tesla беа послаби од очекуваното, но цената на акцијата скокна за 12 отсто бидејќи производителот на електрични автомобили најави производство на нови, поевтини модели на возила и преструктуирање, односно отпуштање на неколку илјади работници.

Мета платформи, матичната компанија на Facebook, објави подобри резултати од очекуваните, но во продолженото тргување по затворањето на Волcтрит, цената на нејзината акција потона за повеќе од 11 отсто.

Имено, инвеститорите ги загрижи пораката на менаџментот дека инвестициите годинава би можеле да достигнат 40 милијарди долари.

И во наредните денови, инвеститорите ќе се фокусираат на деловните извештаи на компаниите, вклучувајќи ги Alphabet и Microsoft.

Во четврток, пак, ќе биде објавен извештајот за бруто домашниот производ (БДП) на САД во првиот квартал, а во петок извештајот за инфлацијата, која може да влијае на насоката на пазарот.

Неодамна, се очекуваше ФЕД агресивно да ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни.

Сепак, се појасно е дека централната банка нема да брза со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата е сè уште покачена.

Затоа, се повеќе се шпекулира дека процесот на намалување на каматите би можел да започне дури наесен.