Volvo од 2030 година ќе продава само електрични автомобили

46

Шведскиот производител на автомобили во кинеска сопственост, Volvo Cars објави дека од 2030 година планира да продава само електрични автомобили, со што се доближува до најдинамичниот сегмент на глобалниот пазар.

Сите модели што имаат мотор со внатрешно согорување, вклучувајќи ги и хибридните возила, постепено ќе се укинуваат.

“Автомобилите со мотори на внатрешно согорување на долг рок немаат иднина“, објаснува главниот технолошки директор, Хенрик Грин.

2030-та година е одбрана поради силната побарувачка за електрични автомобили во последните години и цврстото уверување дека пазарот на автомобили со внатрешно согорување ќе се намалува.

“За да останеме успешни, потребен ни е профитабилен раст. Поради тоа, наместо да вложуваме во бизнис што се намалува, одлучивме да инвестираме во иднина“, вели главниот извршен директор, Хакан Самуелсон.

Минатата година го претставија XC40 Recharge, првиот автомобил исклучиво на електричен погон, а најавија и нови модели.

До 2025 година електричните автомобили би требало да сочинуваат половина од глобалната продажба на Volvo Cars, а другата половина ќе ја сочинуваат хибридни возила.

Volvo Cars, исто така, планира да се насочи кон онлајн продажба, па сите целосно електрични модели ќе бидат достапни само преку услугата Care by Volvo.

Кинески Zhejiang Geely Holding Group ја купи шведската компанија во 2010 година од американскиот автомобилски гигант Ford.

Фото: Pexels