Вонреден инспекциски надзор во рудникот Саса

27

c9a27818-3341-41fb-a5d4-771fef541b7bПротив одговорните во рудникот Саса поднесени се една кривична пријава и пет прекршочни пријави од областа безбедност и здравје при работа, а констатирани се и неправилности од областа на работните односи.

Пријавите беа изречени по вонредниот инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд и државниот технички инспекторат во Рудникот Саса и правниот субјект Руен за утврдување на фактичката состојба во исполнување на законските обврски и услови од областа на безбедност и здравје при работа и работни односи.

Вонредниот инспекцискиот надзор беше спроведен вчера, откако трагично загина работник во рудникот.

За време на инспекцискиот надзор присуствуваше и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој имаше директно можност да се запознае со условите на работа на работниците, при што присуствуваше на надзорот и внатре во јадрото на рудникот.

При инспекцискиот надзор поднесена е кривична пријава за непроменета проценка на ризик за работно место, за кое е настаната тешка повреда при работа со фатални последици – смрт.

Поднесени се четири барања за поведување на прекршочна постапка од трета категорија и тоа за неизготвување и неспроведување изјава за безбедност во писмена форма, неизвршување на здравствени прегледи на вработените, неиспитување на опрема за работа за безбедно работење, необезбедување на обучени лица за давање на прва помош во случај на повреда при работа.

Прекршокот од оваа категорија изнесува од 5.000 до 8.000 евра во денарска противвредност за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во правниот субјект.

Поднесено е барање за поведување на прекршочна постапка од втора категорија за неангажирана овластена здравствена установа за вршење на стручни работи за здравје при работа. Прекршокот од оваа категорија изнесува од 2.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 500 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правниот субјект.

При надзорот константирани се неправилности од областа на работните односи, како што е непријавување на работа на државен празник. Висината на глобата за сторениот прекршок е 1.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правниот субјект.

Во склоп на рудникот Саса извршен е инспекциски надзор во фирмата Руен и констатирани се неправилности, неизвршени здравствени прегледи на сите вработени, за што е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка од втора категорија.