Вонсудско решавање на спорови во областа на интелектуалната сопственост

103

pravo

Фото: Pixabay

Која е алтернативата на судското решавање на трговски спорови во областа на интелектуална сопственост? Во светот постојат неколку институции коишто нудат можност за засегнатите страни да решат вонсудски спор во оваа област, но најчесто користен е Центарот за арбитража и медијација на Светската организација за интелектуална сопственост (СОИС).

Формирано во 1994 год. во Женева, Центарот е меѓународно, независно и неутралнo тело, потпомогнато од надворешни експерти по меѓународно решавање на спорови во доменот на правата на интелектуална сопственост. Тој нуди на физички и правни лица, без разлика на нивната националност или седиште, четири вида на постапки за разрешување на спорови и тоа:

  1. Медијација: необврзувачка процедура каде независно трето лице, медијатор, им помага на страните да го решат спорот;
  2. Арбитража: неутрална постапка каде спорот е изнесен на еден или повеќе арбитри кои носат обврзувачка одлука за спорот;
  3. Забрзана арбитража: постапка на арбитража која е брза и со намалени трошоци; и
  4. Одлучување од експерти: постапка каде спор или различен став на страните се поднесува до еден или повеќе експерти кои одлучуваат по прашањето. Одлуката е обврзувачка, освен ако страните поинаку не одлучат.

Како до постапките?

Можни се две сценарија кога страните на еден договор можат да ги разрешат нивните спорови преку постапките што го нуди Центарот. Имено, за разрешување на сите евентуални идни спорови, потребно е страните да вметнат одредба во договорот која ќе предвидува дека сите спорови ќе бидат разрешени со помош на Центарот преку една или повеќе постапки. Или за спорови во тек, страните може да склучат посебен договор што се однесува само за конкретниот спор. Во овој контекст Центарот има создадено модел одредби за договорите и модел договори.

Секоја од четирите постапки, која може да се одвива било каде во светот, на било кој јазик и материјално право одбрано од страните, се спроведува по посебни Правила. Ажурирани во 2014, правилата се создадени на начин што го инкорпорираат најновиот развој во областа на разрешување на спорови и може да се користат во секој правен систем. Правилата се соодветни за разрешување на спорови во доменот на интелектуалната сопственост, како на пример оние кои произлегуваат од договори за лиценца или други форми на пренос на права на патенти, трговски марки, авторско право и know-how.

Предности на постапките

Може да се издвојат неколку позитивни аспекти на горенаведениот начин на разрешување на спорови:

  1. Една постапка: Спротивно на повеќестепената постапка во повеќе земји, како што е и нашата, спорот се разрешува преку една постапка. Во случај на арбитража, одлуката е правосилна и извршна на меѓународно ниво;
  2. Страните заштетуваат на време, а до одреден степен и на трошоци;
  3. Постои слобода на страните да го изберат правото и јазикот по кои ќе се спроведува постапката;
  4. Строго доверливите постапки се водени од независни арбитри, медијатори или експерти;
  5. Се применуваат ажурирани правила, адаптирани на специфичните карактеристики на споровите кои вклучуваат интелектуална сопственост;
  6. Координативен орган (Центарот) ги определува трошоците за неутралните лица и ги администрира финансиските аспекти на постапките врз основа на стандардна табела на трошоци врзана за износот на спорот;
  7. Страните имаат можност да ја користат алатката WIPO Electronic Case Facility што нуди безбедна подготовка и зачувување на документи поврзани со случајот во електронска форма и др.

Иднина

Иако судското решавање на спорови сè уште е најчесто користениот пат за разрешување на спорови, како што покажа анкетата спроведена од СОИС со 393 учесници од 92 земји, постои тренд кон вонсудско разрешување на спорови. Така, 94% од анкетираните изјавиле дека одредбите за разрешување на спорови се дел од преговорите при склучувањето на договори. 30% од нив се одлучиле за (забрзана) арбитража (30%) и медијација (12%), а 17% предвиделе повеќестепена одредба: арбитража или експертска одлука пред поднесување на случајот пред суд.

Извршноста на одлуките, времето и трошоците се клучните фактори што испитаниците ги разгледуваат кога ги составуваат одредбите за разрешување на спорови, како во домашни, така и во меѓународни договори.

Во однос на видот на договори, најчест вид на договори што води кон спорови се лиценците (изјавиле 25% од испитаниците), па договорите за истражување и развој (18%), договорите за доверливост (16%), следени со спогодбите (15%), договорите за пренос (13%) и договорите за спојување и превземање (13%).

Ако треба да се одлучиме за барем една негативна страна на вонсудскиот начин за разрешување на спорови во областа на интелектуалната сопственост што го нуди Центарот, би ги издвоиле трошоците. Иако Центарот прави напори да им овозможи на сите страни да ги користат неговите услуги, па административните трошоци и трошоците за регистрирање може да се сметаат за разумни (на пример за постапките на експедитивна арбитража, за вредност на спор до 2,5 милиони долари, се плаќа вкупно 2.000 долари), фиксната цена за арбитрер е релативно висока и изнесува 20.000 долари. Сепак, ако се споредат овие трошоци со судските трошоци во нашата земја за спорови со висока вредност и адвокатските трошоци за водење на повеќестепена, претежно, долготрајна постапка, на крајот страните заедно може да потрошат приближно иста парична сума како и кога би го решиле спорот со една од постапките што ги нуди Центарот.

Судско или вонсудско решавање на спорови? Одговорот е во ваши раце.