Вработени во Facebook не сакаат да се вратат во канцеларија

56

Над 200 вработени во Facebook ширум светот ја обвиниле компанијата дека ги принудува да се вратат во канцеларија и покрај ризикот од коронавирусот, пренесува ВВС.

Станува збор за лица кои работат како модератори на содржини на Facebook. Тие тврдат дека компанијата “без потреба ги изложува на ризик нивните животи заради профит“. Ги повикуваат менаџерите да ги усвојат измените на политиката на компанијата за да можат и понатаму да работат од дома, но и да добијат одредени бенефиции.

Од Facebook соопштуваат дека поголемиот дел од креаторите на содржини ќе работат од дома сè до крајот на пандемијата. Facebook во август соопшти дека вработените во компанијата може да работат од дома до следното лето.

Но, во Facebook работат илјадници лица на договор, кои работат за други компании, кои се задолжени за следење на објави што ја прекршуваат политиката на компанијата, како што се таканаречени спамови, дезинформации или содржини за злоставување на деца.

Вработените преку отворено писмо навеле дека повикот да се вратат во канцеларија доаѓа по обидот на Facebook во поголема мерка да се потпре на вештачка интелигенција за воочување и откривање на проблематични објави. Тие тврдат дека компанијата се соочува со зголемен притисок да се ослободи од говор на омраза и дискриминација, па затоа се принудени да се вратат во канцелариите.

“Потребни сме му на Facebook. Време е да го признаете тоа и да почнете да го цените нашиот труд. Неморално е да го жртвувате нашето здравје и безбедност поради профит“, порачаа овие вработени.

Фото: Freepik