Вработените во Усје секоја среда на работа ќе одат без автомобили

71

cementarnica usje

Од денеска, 25 март 2015 година, вработените на Цементарница Усје АД Скопје започнуваат со акцијата “Секоја среда на работа без автомобили“. Вработените на Усје за да стигнат до своите работни места ќе користат јавен превоз, велосипед или оние кои живеат во близина на компанијата, ќе доаѓаат секоја среда пеш на работа.

Покрај тоа, паркингот пред компанијата секоја среда ќе се наплатува 150 денари, а средствата што ќе бидат собрани, ќе ѝ бидат донирани на Детската болница за респираторни болести – Козле. Преку оваа активност менаџментот на компанијата и вработените сакаат преку личен пример и ангажман да ја потврдат својата јасна определба за заштита на животната средина и да ги промовираат принципите за здрав начин на живот.

“Во изминативе неколку години активно работевме на инвестиции во нашата компанија кои овозможуваат еден заокружен процес кој е во целосен склад со околината. Нашите искрени заложби и сериозни инвестиции ги потврдија сите релевантни институции, а Интегрираната еколошка А дозвола е само дополнителен прилог кон оваа наша заложба. Но, одејќи чекор понатаму, ние како граѓани на Скопје сме свесни дека сообраќајот е еден од клучните факори за околината и токму затоа преку оваа наша симболична акција, сакаме да дадеме пример и да ги поттикнеме и другите да се приклучат кон оваа акција“, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница Усје.

Според податоците, илјадници жители на Европа страдаат од зависност од своите автомобили и одбиваат да пешачат, дури и на кратки растојанија. Таквата навика негативно влијане врз здравјето на човекот и врз неговата околина, а негативно се одразува и на економската состојба. Токму затоа, идејата на оваа акција е да се создаде навика да не се користат автомобилите тогаш кога тоа не е неопходно.

Цементарница Усје АД Скопје ќе ги повика и другите институции, компании и здруженија да се приклучат кон овој вид активизам и со свој личен пример и ангажман да придонесат кон омасовување на оваа акција за промена на свеста и навиките.