Вредноста на Галеника е 100 милиони евра

44

Суштинската економска вредност на фабриката за лекови Галеника е околу 100 милиони евра, смета директорот на Агенцијата за приватизација, Владислав Цветковиќ.

Цветковиќ за Танјуг објасни дека инвеститорите ја мерат вредноста на претпријатијата во фармацевтскиот сектор на основа на приходите помножени со два и додаде дека приходите на оваа фабрика се на ниво 40 – 50 милиони евра годишно.

Според него, решение за оваа фабрика може да се бара и во стратешки партнер и во продажба. Директорот на Агенцијата за приватизација верува дека е добро секое решение кое ќе обезбеди унапредување на работењето на Галеника.

“Дали ќе се оди во правец на стратешко партнерство или кон класична продажба, останува да се види. Во секој случај, мислам дека е неопходно тоа да се направи што побрзо и мислам дека веќе на почетокот на следната година државата мора да најде решение”, наведува Цветковиќ.

Според него државата може, преку тендер, да упати повик не кон финансиски, туку кон стратешки инвеститори, поголеми и посериозни од Галеника и да согледа што нудат, стратешко партнерство или откуп на капитал и кој модел би можел да се примени.