Вредноста на нафтата падна под 90 долари

80

Цените на нафтата се стабилизираа над 90 долари во четвртокот, поддржани од геополитичките ризици кои ги надминаа стравувањата дека построгата монетарна политика во големите економии ќе предизвика рецесија и ќе ѝ наштети на побарувачката. Сепак, благ пад е забележан во утринското тргување.

Според податоците објавени на веб-страницата OilPrice.com, вредноста на барел референтна нафта брент во моментов изнесува 88,37 долари, додека американската сурова нафта WTI се тргува по цена од 81,35 долар.

Цените силно пораснаа во утринската трговија под влијание на знаците за закрепнување на побарувачката во Кина од строгите мерки за сузбивање на пандемијата на корона вирусот, пишува агенцијата Мина, повикувајќи се на SEEbiz.

Најмалку три државни и големи приватни рафинери во Кина размислуваат да го зголемат производството до 10 отсто во октомври во споредба со септември поради посилната побарувачка и можниот раст на извозот на гориво во четвртиот квартал, соопштија информирани извори.

Можната ескалација на војната во Украина, исто така, дава поттик на цените, откако рускиот претседател Владимир Путин во средата најави делумна мобилизација и поддржа референдуми на окупираните украински територии, што ја подгрева загриженоста за снабдување.

Европската унија одговори со најава на нови санкции против Русија. Брисел ја разгледува можноста за воведување ограничувања на цената на руската нафта, построги ограничувања за извозот на технолошки производи во Русија и нови санкции за руските граѓани, соопштија дипломатите во четвртокот.

Американските федерални резерви (ФЕД) во средата ги зголемија каматните стапки за три четвртини од процентниот поен, а потоа и швајцарската и британската централна банка.