Врвни швајцарски обуки за подобрување на вештините на туристичките работници

44

dsc_3577

Процесот на сертификација на обучувачи од Македонија за спроведување на обуки во туризмот според методологијата на швајцарската Академија за хотелски менаџмент во Луцерн (СХЛ), започнат пред скоро една година, заврши со доделување на сертификати на 16 обучувачи. Со здобивањето на овие сертификати обучувачите се овластени да спроведуваат обуки од областа на техники за продажба и дистрибуција, управување со приходи и комуникација со клиенти според највисоките швајцарски стандарди, стои во соопштението.

Обуката за сертифицирани СХЛ обучувачи беше организирана од швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од Свисконтакт и Преда Плус, во соработка со Министерството за економија на Република Македонија.

Според заменик шефот на мисија во Амбасадата на Швајцарија, Стефан Томаџан, туристичкиот сектор во Македонија поседува несомнен потенцијал за значителен раст и креирање на работни места.

“Швајцарија е најдобар партнер којшто може да го имате кога станува збор за експертиза и знаење во туристичкиот сектор, со докажани тренинг центри кои можат да ви помогнат да го постигнете целосниот потенцијал во туристичкиот сектор“, изјави заменикот шеф на мисија Томаџан.

Според Министерот за економија, Дритон Кучи, туризмот во Македонија се соочува со предизвици кои се однесуваат на подобрување на локалната туристичка инфраструктура, но и пристап до квалификувана работна сила и подобрување на квалитетот на услугите во туристичкиот сектор.

“Министерството за економија покрај стручната поддршка за одвивање на обуките обезбеди и финансиска поддршка на процесот на сертифицирање на кандидатите кои се пријавија на јавниот оглас за обуките и ги исполнија критериумите за учество, како и на процесот на нивно обучување. Она што мене лично ме радува е фактот што овие обучувачи ќе го пренесат своето знаење и искуства на целиот туристички сектор и на тој начин ќе помогнат во подобрување на стандардите и унапредување на туризмот во Македонија“, вели министерот Кучи.

Швајцарската Академија за хотелски менаџмент во Луцерн е рангирана меѓу првите 100 образовни институции за угостителство во светот. Според Сузан Освалд, професор на академијата, тоа пред сѐ се должи на високите стандарди за работа, но и на постојаното адаптирање и прилагодување на програмите според потребите на туристичката индустрија. Потенцијалот во Македонија постои, но потребна е поголема едукација на туристичките работници.

“Ги охрабрувам сите во туристичко-угостителскиот  сектор во Македонија да инвестираат во своето и во знаењето на нивните вработени, бидејќи инвестицијата во знаење дава најголеми приноси“, рече Освалд.

Како македонски партнер за спроведување на идните обуки на Академијата за хотелски менаџмент во Луцерн е избран тренинг центарот на Академик. За следниот период се разговара за можноста покрај веќе постојните три обуки да се организира и дополнителна обука за храна и пијалаци, а се разгледува и можноста да се воспостави и стандард за обезбедување на квалитетот на SHL за македонските хотели.