Втор Младински летен камп за климатски промени во Струга организиран од УСАИД

11

22

Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија, денеска во Струга го отвори вториот Младински летен камп за климатски промени.  Годинешниот климатски камп за млади ќе се одржува од 9 до 15 август во Извидничкиот камп Крсте Јон и е наменет за млади луѓе на возраст меѓу 15 и 17 години, од десетте партнер општини каде се спроведува проектот: Прилеп, Кривогаштани, Пехчево, Делчево, Виница, Богданци, Теарце, Маврово Ростуша, Боговиње и Студеничани.

Покрај утврдување на знаењата стекнати на минатогодишниот климатски камп, младите оваа година ќе имаа можност да се запознаат со методот на изработка на стратегиите за климатски промени на нивната општина во рамките на Проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, кои се првите стратешки документи од ваков тип развиени во југоисточна Европа што го рефлектираат прашањето за климатските промени на општинско ниво. Дополнително, ќе се работи на развивање на концепт и изнаоѓање на алатки со чија помош учесниците, како идни лидери, ќе го пренесат новооткриеното знаење и искуство на другите членови во нивните заедници и истите ќе помогнат во зголемување на јавната свест за начините на справување со климатските промени. Целта на овој климатски младински собир е градење на капацитетите, едуцирање и мобилизирање на младите лидери во Македонија ефективно да дејствуваат во борбата против климатските промени и поттикнувањето на одржливиот развој на локално ниво.