Не успеа ниту второто усно јавно наддавање за продажба на Далмацијавино, затоа што немаше заинтересирани за купување на имотот како целина по почетна цена од 36,3 милиони евра. Третото наддавање е закажано за октомври, пишува Бизнис.хр.
Стечајниот управник на Далмацијавино, Перица Митровиќ, побара до следното јавно наддавање почетната цена да се намали за 30%.
На продажба се ставени 60.000 метри квадратни од фабриката во Сплит во која се произведуваат алкохолни и безалкохолни пијалоци. Покрај тоа, на продажба се хварските винарии во Стари Град и Јелса, земјиште во Врбањ, фабриката за квас и винскиот подрум во Дрниш, насади на винова лоза во Дрниш и на Хвар, деловно – магацински простор во Велика Горица, Задар, Риека и Вуковар, како и правата на брендовите Далмацијавино и Пипи.
Според податоците од повикот за јавно наддавање, утврдената вредност на брендот пијалоци Пипи е 1,08 милиони евра, а на корпоративниот бренд Далмацијавино околу четири милиони евра, двете без ДДВ.