VW го потврди развојот на поевтин градски електричен автомобил

55

ID електричното семејство на Volkswagen ќе се прошири од 2025 година, откако германскиот производител најави нови, поевтини модели во опсегот.

Volkswagen има големи планови кога станува збор за електрификацијата, а германскиот производител има за цел до 2025 година драстично да го промени своето производство. За таа цел потребни се нови модели во поставата, а VW потврди дека развива нов модел кој ќе влезе во ID семејството и ќе биде позициониран под ID.3, а ќе пристигне во 2025 година.

Од Volkswagen не открија никакви дополнителни информации околу автомобилот, иако оваа потврда воопшто не е некакво изненадување, со оглед на тоа дека постоеја најави дека таков модел е во развој. Поточно, не еден, туку два модели, а станува збор за ID.1 и ID.2 кои ќе имаат за цел да ја “демократизираат“ електромобилноста, односно електричните модели да станат подостапни за купувачите. Но, VW засега не открива кој модел е во развој, иако минатата година се појавија шпекулации дека развојот на ID.1 е веќе започнат.

Според наводите, овој модел ќе понуди две батериски опции со капацитет од 24 и 36 kWh, со максимален опсег на движење од 298 километри. Нешто подоцна пристигна информација дека VW ќе ја прошири поставата со два модели поставени под ID.3, со тоа што најмалиот треба да го замени Up! додека поголемиот кој ќе го понесе името ID.2 и треба да го замени Polo.

Ќе се развива заедно со Project Trinity

Во секој случај, ID.1 нема да пристигне пред 2025, а Volkswagen го потврди сето тоа. Главната желба на германскиот бренд е цената на новиот градски електричен автомобил да биде под 20.000 евра и ќе ги таргетира урбаните европски купувачи. Од Volkswagen исто така најавија и дека ќе продолжат да инвестираат и да ја оптимизираат својата MEB платформа, која е основа за голем број на модели од Volkswagen брендот и VW групацијата. Платформата исто така ќе служи и како основа за ID.1.

Новиот електричен градски автомобил ќе биде развиван заедно со новиот Project Trinity, неодамна најавениот целосно електричен седан кој ќе пристигне со најнова врвна технологија и сосема нов процес на производство.