Wall Street падна – инвеститорите несигурни

118

На Wall Street во вторникот, цените на акциите паднаа бидејќи инвеститорите не беа сигурни поради забавувањето на економското закрепнување, натамошното ширење на делта варијантата на коронавирусот и најавата за зголемување на даноците.

Dow Jones се лизна 292 поени, или 0,84 проценти, на 34.577 поени, додека S&P 500 падна за 0,57 проценти, на 4.443 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,45 проценти, на 15.037 поени.

На самиот почеток на тргувањето вчера, овие индекси пораснаа бидејќи инвеститорите беа охрабрени од малку послабите податоци за инфлацијата отколку што се очекуваше.

Во август потрошувачките цени пораснаа за 0,3 проценти во однос на претходниот месец, и 5,3 проценти во споредба со август минатата година. Иако инфлацијата останува многу висока, инвеститорите се надеваат дека таа е привремена, како што велат челниците на американската централна банка.

Но, подоцна индексите на берзите паднаа бидејќи инвеститорите стравуваат од натамошно забавување на закрепнувањето на економијата, со оглед на континуираното ширење на делта варијантата на коронавирус.

И на повеќето европски берзи, цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот FTSE индекс падна за 0,49 отсто, на 7.034 поени, а парискиот CAC 0,36 отсто, на 6.652 поени. Франкфуртски DAX, пак, зајакна за 0,14 отсто, на 15.722 поени.