Wall Street паѓа трет ден по ред, на европските берзи цените на акциите растат

29

На Wall Street, берзанските индекси се во надолна линија трет ден по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека зголемувањето на инфлацијата ќе ги наведе Федералните резерви на САД да ги зголемат каматните стапки порано од очекуваното.
Индексот Dow Jones падна на 681 поен или 1,99%, на 33.587 поени, додека S&P 500 потона на 2,14 %, на 4.063 поени, а индексот Nasdaq 2,67 %, на 13.031 поен.

Во 10 од 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите паднаа. Само нафтениот сектор порасна за 0,1 %, благодарение на зголемувањето на цените на нафтата.

Најголемиот дневен пад на индексот S&P 500 од февруари се должи на фактот дека основните потрошувачки цени, со исклучок на цените на храната и енергијата, пораснаа за 3% во април во споредба со истиот месец минатата година, што е нивниот најголем скок во речиси 12 години. Покрај тоа, инфлацијата се надмина далеку над целното ниво на ФЕД за 2 %.

Овој извештај со денови се чекаше со голема претпазливост поради индикациите дека огромниот фискален стимул може да предизвика раст на потрошувачките цени.

Покрај тоа, цените на стоките нагло се зголемија во последните месеци поради нарушувања во синџирот на снабдување, додека компаниите ги зголемија платите за да привлечат квалификувани работници.

Сето ова може да доведе до посилни инфлациски притисоци на долг рок, иако Федералните резерви на САД со месеци велат дека зголемувањето на цените може да биде привремено и дека ќе продолжи да спроведува лабава монетарна политика, пренесува Seebiz.

“Очигледно е дека сите размислуваат за инфлацијата. Тоа е нешто што ФЕД го чекаше со години и сега неговата желба се оствари. Прашањето, сепак, е колку долго ќе се разгорува пожарот на инфлација пред да започне да врие“, вели Метју Китор, партнер во Keator Group.

Други аналитичари исто така се загрижени дека зголемувањето на инфлацијата на долг рок може да ја наведе ФЕД да ја заостри монетарната политика порано отколку што се очекуваше.

“Големото прашање е колку долго ФЕД може да остане со својот благ став, наспроти ставот на пазарот. Особено ако компаниите започнат да ги зголемуваат платите за привлекување работници, што може да создаде голема дупка во аргументот на ФЕД за привремена инфлација“, вели Стјуарт Кол, економист во Equiti Capital.

Акциите на големите технолошки компании вчера беа под најголем притисок затоа што многумина сметаат дека нивните цени, по силниот раст минатата година во корона кризата, се превисоки.

Акциите на Amazon, Apple, Microsoft, Tesla, паднаа помеѓу 2 и 3 %.

На европските берзи, пак, цените на акциите пораснаа вчера. Лондонскиот индекс FTSE зајакна 0,82 %, на 7.004 поени, додека франкфуртскиот DAX порасна 0,20 %, на 15.150 поени, а парискиот CAC 0,19 %, на 6.279 поени.

Фото: Pixabay