Weaver – виртуелен асистент создаден во Србија

43

Фото: Pixabay

Weaver е напредна платформа за виртуелни асистенти, којашто е направена од страна на ИТ експерти од Србија, пишува Бета.

Овој виртуелен асистент, чија основа е вештачка интелигенција, им помага на компаниите да воспостават подобра комуникација со своите клиенти, да го намалат времето на чекање на одговори на прашања што се поставуваат во корисничките центри и попаметно да го искористат работното време на операторите.

“Од фаза на развој имавме желба Weaver да биде производ што може да застане рамо до рамо со производите од водечките светски компании. Верувам дека имаме знаење и умееме да направиме производ во Србија што ќе биде конкурентен во целиот свет. Weaver разбира и зборува различни светски јазици, па тоа ќе ни биде голем адут за настап на странските пазари“, вели Небојша Бјелотомиќ, директор на компанијата Saga, којашто стои за Weaver.

Weaver претставува платформа од којашто се создаваат виртуелни асистенти коишто може да се поврзат со апликации за размена на текстуални пораки, како што се WhatsApp, Facebook Messenger, Skype, Viber или може да бидат интегрирани на сајтовите на компаниите.

Корисниците преку него воспоставуваат комуникација со интелигентниот асистент којшто им нуди паметни одговори на нивните прашања, без помош од вработените. Со текот на времето и користењето, Weaver учи нови фрази, се прилагодува на потребите на компаниите и на нивните клиенти.