Yamaha влегува во трка со свој електромотор

26

Јапонскиот производител Yamaha го најави својот влез во сегментот на електричните автомобили, поточно во производството на електромотори.

Yamaha, компанија којашто е пред сè позната по своите мотоцикли, но и ред други работи, влегува и во сферата на електричните автомобили. Јапонската компанија го претстави својот нов компактен електромотор кој ќе го користат други производители, а е наменет за вградување во хипер електрични автомобили.

Овој мотор е од особена важност бидејќи Yamaha ќе може да произведува компоненти за електрични автомобили кои ќе конкурираат на најдобрите електрични автомобили на денешницата. Новиот компактен мотор е со моќност од 350 kW, односно 476 КС, а ќе може да функционира на оперативна волтажа од 800V, исто како кај Porsche Taycan и некои други модели.

Yamaha истакнува дека компактната големина на нивниот електромотор е една од главните бенефиции. Дизајнот комбинира електрични и механички компоненти со цел да се зачува простор. Тоа на пример значи дека брзините и инвертарот се интегрирани во една единица.

Производителот започна со развој на електромотори во 2020 година, но станува збор за послаби единици, а својот најнов електричен мотор и компонентите ќе ги продава на други производители кои се заинтересирани за производство на електрични автомобили. Од јапонската компанија велат дека имаат богато искуство во правењето прототипи за други компании и можат да произведат елементи според спецификациите на клиентите во краток временски период.

Трката за електрична иднина вовлече многу големи производители да започнат со сериозни инвестиции во електромобилноста. Забрзувањето на производството на електрични возила се случува со таква брзина што многумина ќе имаат проблеми да се снајдат во целата ситуација, па токму тоа во Yamaha сакаат да го искористат, помагајќи им со снабдување на помалите компании кои ќе добијат кредибилни компоненти.

Преземено од Avtoplus.mk