За 10% пад на увозот и извозот на земјава во 2020 година

50

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари ‒ декември 2020 година, изнесува 5.777.905.000 евра и бележи пад од 10% во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7.594.537.000 евра, што е за 10% помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари ‒ декември 2020 година, изнесува 1.816.632.000 евра.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари ‒ декември 2020, изнесува 76,1%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари ‒ декември 2020 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Кина и Грција.

Фото: Freepik