За 11% подобрена наплатата на ДДВ

28

За 11% е подобрена наплатата на ДДВ во првото полугодие од спроведувањето на МојДДВ. Министерката за финансии Нина Ангеловска, вели дека подобрувањето на наплатата на ДДВ е показател дека мерката дава резултати во сузбивањето на сивата економија, а 260.000 граѓани-контролори за истото добиваат награда преку поврат на ДДВ, но и преку наградната игра МојДДВ #МојаНаграда, стои во соопштението.

“Cost benefit анализата покажува дека МојДДВ е успешна мерка којашто дава резултати. МојДДВ е мерка за стимулирање на наплата на приходите, како резултат на данокот на додадена вредност и меѓу другото да ги награди граѓаните со поврат додека се контролори и ги бараат фискалните сметки. Ако ги земете шесте месеци од јули до крајот на годината од воведување на мерката, седум милиони евра биле вратени назад кај граѓаните. Околу 260.000 граѓани скенираат сметки, тоа се 260.000 контролори на кои сме им вратиле средства. Наплатата на ДДВ е зголемена за 11% во шесте месеци откако е воведена мерката во споредба со лани периодот. Cost benefit анализата покажува дека ако би бил нормален раст од 6% без мерката – што не е толку, бидејќи просекот е 3,5% на раст на ДДВ во последните 10 години, со мерката се дополнителни 23 милиони евра приходи прибрани како резултат на МојДДВ. Значи со 7 милиони евра, сме имале ефект од 23 милиони евра“, вели Ангеловска.

Ангеловска посочи дека преку гемификацијата, во извештаите на Европската комисија е цитирана како една од најдобрите мерки за справување со сивата економија. Граѓаните кои скенираат сметки имаат трикратна корист – помагаат во сузбивање на сивата економија, што ќе придонесе во иднина да добиваат подобри јавни услуги, добиваат поврат на ДДВ и добиваат можност за награда преку наградата игра МојДДВ #МојаНаграда.

Фото: Pexels