За 3,5 милијарди денари повисоки вкупните средства на останатите финансиски институции

29
Contemporary Room Workplace Office Supplies Concept

Вкупните средства на инвестициските, пензиските фондови, осигурителните компании, друштвата за управување со инвестициски фондови и друштва за управување со пензиски фондови, финансиски друштва и даватели на финансиски лизинг или со еден збор останати финансиски институции (ОФИ), во третиот квартал на 2020 година, изнесуваат 134.095.000.000 денари и се повисоки за 3.513.000.000 денари, покажуваат податоците на Народна банка.

Структурно гледано, најголемо учество од 63,3% во средствата на ОФИ имаат пензиските фондови, а по нив следуваат осигурителните друштва, со учество од 20,2%.

Во третиот квартал од годината, вкупните средства на ОФИ забележаа квартално и годишно зголемување од 2,7% и 12,5%, соодветно. Притоа, средствата на пензиските фондови и натаму се главен носител на кварталниот и годишниот раст. Позитивен придонес кон кварталниот раст имаат и повисоките средства на останатите потсектори на ОФИ, освен осигурителните друштва и инвестициските фондови, коишто во овој квартал остварија пад. На годишно ниво, кај сите потсектори има зголемување на средствата.

Најголемиот дел од средствата на ОФИ се пласирани во должнички хартии од вредност (учество од 47,7%), во сопственички хартии од вредност (учество од 22,1%) и во валути и депозити (учество од 16,1%). Обврските на ОФИ произлегуваат најмногу од техничките резерви на осигурување како и од капиталните сметки (учество од 58,1% и 33,2%, соодветно).

Анализирано по инструменти, на страната на средствата, кварталниот раст во најголем дел произлегува од зголемените вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност. Вложувањата во должнички хартии од вредност се и главен носител на годишниот раст, во услови на раст, но помал и кај другите инструменти на страна на средствата. На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст пред сè се објаснуваат со зголемените технички резерви на осигурување, а во насока на раст на обврските влијаеја и капиталните сметки.

Пензиските фондови (задолжителни и доброволни), во анализираниот квартал бележат квартален и годишен раст на вкупните средства од 4,2% и 12,3%, соодветно. Гледано по инструменти, зголемените вложувања во должнички и сопственички хартии од вредност се носители на растот, со поизразено учество на државните ДХВ, особено изразено кај годишната промена. Кај инструментот валути и депозити не се забележани поголеми промени на квартална и годишна основа. На страната на обврските, растот по двата основи е одраз на зголемените технички резерви и капиталните сметки (поизразено кај техничките резерви).

Во третиот квартал од 2020 година, вкупните средства на осигурителните друштва бележат квартален пад од 1,0%, главно поради намалените останати побарувања. Од друга страна, вложувањата во државни и сопственички хартии од вредност продолжија да растат. На годишна основа, средствата на осигурителните друштва остварија раст од 8,3%, при раст на државните ДХВ и техничките резерви на осигурување (поизразен кај државните ДХВ). На страната на обврските, кварталниот пад во најголем дел се должи намалените останати обврски, при дополнително влијание кон падот и на капиталните сметки, а во услови на раст на техничките резерви на осигурување. Техничките резерви на осигурувањето објаснуваат најголем дел од годишната промена (учество од 82,3%).

Вкупните средства на инвестициските фондови, овој квартал бележат намалување од 1,4%, на квартална основа. Анализирано по инструменти, падот е резултат на помалите пласмани во валути и депозити, во услови на раст кај вложувањата во сопственички и државни ДХВ. На годишно ниво средствата на инвестициските фондови се зголемени за 22,5%, при раст кај сите инструменти, со поизразен придонес на државните ДХВ. На страна на обврските, намалувањето кај капиталните сметки е главен фактор на кварталниот пад на вкупните средства на инвестициските фондови, додека на годишна основа капиталните сметки бележат позитивна промена.

Фото: Freepik