За 4,6 пати зголемен бројот на фалсификувани пари во 2015, најмногу 500 денари

28

500 denari

Во текот на 2015 година до Народната банка на Република Македонија се доставени 1.415 сомнителни денарски книжни пари. Од нив 131 примерок е оригинал, додека останатите 1.284 книжни пари се фалсификувани.

“Бројот на утврдени фалсификувани книжни пари откриени во текот на 2015 година е зголемен за 4,6 пати во однос на 2014 година. Најголемо учество во бројот на фалсификувани книжни пари има апоенот од 500 денари, што исклучиво се должи на организирано пуштање во оптек на фалсификати со оваа апоенска вредност“, стои во Годишниот извештај на НБРМ.

Во вкупниот број откриени фалсификувани денарски книжни пари во 2015 година, најзастапен е апоенот од 500 денари (1144 парчиња), или 89,1% од вкупниот број фалсификати, потоа следат апоенот од 1.000 денари (102 парчиња), или 7,9% од вкупниот број фалсификати и апоенот од 100 денари (35 парчиња), или 2,7% од вкупниот број фалсификати. Вкупната вредност на фалсификуваните денари во 2015 година изнесува 677.650 денари и има незначително учество во однос на вкупната вредност на парите во оптек.