За Алкалоид се предвидува силен раст на приходите и профитот во следните четири години

238

Во рамки на регионалниот проект на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изготвување инвестициони анализи на котирани компании, во којшто учествува и Македонска берза, е објавена инвестициска анализа за фармацевтската компанија Алкалоид. Анализата ја подготви консултантската компанија WOOD & Company.

“Очекуваме Алкалоид да одржи релативно силен раст на приходите и профитот во следните три или четири години. За 2020 година, очекуваме Алкалоид да ги зголеми приходите за 10%, на 12.224 милиони денари, а добивката за 18%, на 1.198 милиони денари. За 2021 и 2022 година, предвидуваме солидна годишна стапка на раст од 9,8%, односно 12,1%, соодветно“, стои во анализата.

Фармацевтските производи досега се најголемиот дел од бизнисот на Алкалоид, носејќи 93% од оперативниот профит на компанијата. Во анализата се наведуваат четири лекови што се меѓу најпродаваните на Алкалоид, уште од 2003-та година: Pancef – антибиотик што се користи за третирање различни бактериски инфекции; Caffetin – лек против болки и настинки, Analgin – лек против болки со антиинфламаторно дејство и Skopryl – лек што се користи при третирање висок крвен притисок.

Во анализата се прави пресек и на козметичките, билните и хемиските производи што се дел од производната палета на Алкалоид.

Најголемите извозни пазари на фармацевтската компанија се оние од поранешните југословенски републики, вклучувајќи ги Словенија и Хрватска, а во последно време и Русија. Бидејќи компанијата има тенденција да ги проширува пазарите на коишто е присутна, во анализата како “нови“ пазари се споменуваат Романија, Велика Британија и САД, како и Украина.

“Очекуваме Алкалоид да одржи релативно силен раст на приходите и добивката во следните три до четири години, меѓу другото, како резултат на своите инвестиции“, се нотира во анализата.

WOOD & Company проектира нето добивка од 19,4 милиони евра за оваа година, од 20,5 милиони евра за 2021 година, 24,4 милиони евра за крајот на 2022-ра и 26,9 милиони евра за 2023-та година.

Фото: Facebook