За девет месеци НЛБ Банка прокнижи 1,4 милијарди денари добивка

25

НЛБ Банка во текот на деветте месеци од оваа година прикажа добивка од 1.455.738.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

“Во анализираниот период, банката оствари нето добивка во износ од 1.455.738.000 денари, што е за 21% над планот, што се должи на континуирани продажни активности на кредитните и картичните продукти со особен фокус кај населението, микро, малите и средни претпријатијаи на значајните инвестиции во електронските сервиси кои се подостапни и побогати со дополнителни услуги и функционалности за клиентите“, стои во Анализата на финансиските резултати на НЛБ Банка.

Во периодот јануари – септември лани, банката оствари добивка од 1.857.410.000 денари.

Нето каматните приходи, заклучно со 30.09.2019 година, како што стои во Анализата, се повисоки за 0,7% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од камати се пониски за 0,4%, главно поради пониски каматни приходи од секторот нефинансиски правни лица, банки и штедилници и наплатени претходно отпишани камати. Расходите по камати се пониски за 6,2% главно поради пониски расходи за камата кај нефинансиски правни лица, население и останати финансиски институции што се должи на пониски каматни стапки и преструктурирање на изворите во корист на средства по видување. Во однос на планот нето каматните приходи се пониски за 4,7%.

Нето приходите од провизии, како што се наведува, се повисоки за 3,9% споредено со истиот период претходната година, при што приходите од провизии се зголемени за 8,2% како резултат на остварен пораст на приходите во доменот на картично работење, платен промет во земјата и странство, електронско банкарство, кеш центар, продажба на полиси и договори за пензиско осигурување. Расходите за провизии се повисоки за 16,9%, главно поради повисоки расходи поврзани сокартично работење, девизен платен промет и кеш центар. Во однос на планот нето приходите од провизии се пониски за 4%.

Фото: Pixabay