За една година, пораст на девизните резерви за 439 милиони евра

16

Девизните резерви на крајот на 2014 година беа на ниво од 2.432.200.000 евра, што во споредба со истиот период лани, претставува зголемување од 439.200.000 евра, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија.

На крајот на 2013 година, вкупниот обем на девизни резерви изнесуваше 1.993.000.000 евра.

Најголем дел од девизните резерви отпаѓаат на хартии од вредност, кои на крајот на 2014 година беа на ниво од 1.943.800.000 евра. Во истиот период претходната година на ова конто имаше 1.627.700.000 евра.

Валутите, на крајот на минатата година, имаа обем од 272.800.000 евра, додека една година претходно (2013) беа на ниво од 171.700.000 евра. Кога станува збор за монетарното злато, се бележи зголемување од 25,3 милиони евра, бидејќи златото во сефот на НБРМ во 2014 година имаше вредност од 215.600.000 евра, а една година претходно од 190.300.000 евра.

Девизните средства се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за директно финансирање на нерамнотежата во платниот биланс и индиректно регулирање на таквата нерамнотежа преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс.

Девизните резерви, како средства со кои располагаат и се контролирани од страна на монетарните власти, се состојат од: монетарно злато, специјални права на влечење, резервна позиција кај ММФ и девизи.