За модернизација на Коридор 8 се инвестираат над 700 милиони евра

105

Вкупните средства планирани за доизградба и рехабилитација на целиот Коридор 8 надминуваат 700 милиони евра, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Бочварски потенцираше дека само на источниот крак од овој Коридор, се инвестираат околу 100 милиони евра.

Тој со директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во рехабилитација на втората фаза од патот Куманово – Страцин, дел од патниот правец на Коридор 8.

“Рехабилитацијата на патниот правец од Куманово до Страцин се реализира во две фази. Инвестицијата е во вкупна вредност од 13 милиони евра, а предвидена е рехабилитација на делницата долга 32 километри. Тоа што е значајно е дека значително ќе ја подобриме безбедноста во сообраќајот на овој пат. Првата фаза се одвива непрекинато и очекуваме оваа година да биде завршена рехабилитацијата. Во однос на првата фаза од Куманово до с. Војник, веќе имаме избрано фирма изведувач, во фаза е изборот за надзор и очекуваме месец март да започне рехабилитација и на оваа делница, така да заедно со директорот целосно сме фокусирани на модернизација на овој Коридор”, изјави министерот за транспорт и врски.

“Конечно во блиска иднина ќе заврши маката и голготата за жителите од овој регион и овој пат којшто е стар 30-тина години ќе биде квалитетно рехабилитиран и реконструиран за да биде долготраен бидејќи овде има фреквенција на тежок сообраќај”, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта.