За нов електричен автомобил на Volkswagen ќе се чека до 2023 година

97

Европејците кои сакаат да нарачаат нов електричен автомобил од Volkswagen ќе мора да чекаат за испорака на автомобилот до 2023 година. Истото ограничување важи и за купувачите во САД.

Раководството на Volkswagen призна дека силната побарувачка, во комбинација со недостигот на компоненти и суровини, нема да и дозволи на компанијата да го исполни интересот на купувачите во Европа и САД за електрични возила оваа година, објави „Арстехника“.

До денес, само во Западна Европа се собрани околу 300.000 нарачки, а можностите на германскиот производител се очигледно поскромни. Компанијата нема да може да ги задоволи новите нарачки во регионот до следната година.

Повеќе од 99.000 електрични возила од сите марки кои припаѓаат на групацијата Volkswagen беа продадени ширум светот во првиот квартал од оваа година. Електричните автомобили на Porsche, Audi, Skoda и Volkswagen се купуваат многу добро во Европа, вели Херберт Дис, извршен директор на производителот на автомобили.

Веќе се одредени квотите за испорака во САД и Европа за оваа година. Во Кина бројот на нарачки продолжува да расте, но има и проблеми со задоволување на побарувачката.

На глобално ниво, Volkswagen очекуваше да продаде најмалку 700.000 електрични возила оваа година, од кои 140.000 во Кина. Но, во првиот квартал, компанијата успеа да продаде само 28.000 електрични автомобили во Кина, четири пати повеќе на годишно ниво, но значително помалку од првично планираното.

Неодамнешните геополитички случувања ја комплицираа логистиката и го влошија недостигот на автомобилски компоненти, како и ја зголемија цената на влечните батерии, кои во голема мера ја одредуваат цената на целото електрично возило.

Покрај недостигот на компоненти, автомобилската индустрија е негативно погодена од „локдаунот“ во Кина предизвикано од уште еден бран на коронавирус и желбата на локалните власти да го контролираат ширењето на инфекцијата.

Сепак, претставниците на Volkswagen се уверени дека нивниот бизнис со електрични возила ќе покажува позитивна динамика во секој квартал од оваа година, како во однос на обемот на производство, така и во однос на уделот на пазарот.