За осветлување на патот Маврово-Дебар се потребни 100.000 евра

38

Министерството за финансии и општина Маврово-Ростуше денеска потпишаа договор за финансирање на проектот Изградба на улично осветлување на две секции од регионалниот пат Маврово-Дебар во вредност од 6.426.634 денари. Средствата се обезбедени преку проектот за подобрување на општински услуги МСИП кој го спроведува Министерството за финансии заедно со локалните власти, со финансиска поддршка од Светска банка.
Проектот предвидува набавка и изградба на јавно улично електрично осветлување на две секции од регионалниот пат Маврово-Дебар кои се наоѓаат на територијата на општината Маврово Ростуше.
Првата локација ги поврзува населените места Ростуше, Велебрдо и Требиште, каде во тек е изградба на спортско-рекреативен комплекс. Со осветлувањето на оваа локација ќе се овозможи развој на спортско-рекреативните активности во општината.
Втората локација се однесува на осветлување на економската зона која се наоѓа под с. Жировница, каде се веќе сместени две фабрики и еден угостителски објект. Со осветлувањето на овој дел од патот ќе се зголеми атрактивноста на зоната за потенцијалните инвеститори и ќе се поттикнат економските активности во општината кои ќе придонесат за забрзување на економскиот развој и зголемување на вработеноста.
Проектот за подобрување на општинските услуги МСИП досега финансира проекти на 30 општини кои треба да придонесат за подобрување на инфраструктурата во општините, енергетската ефикасност, водовод и канализација, за изградба на градинки и други проекти кои ќе придонесат за подобрување на животот во општините, стои во соопштението од министерството за финансии.