За поддршка на економијата, Јапонија издвојува уште 302 милијарди долари

28

Јапонската влада планира да вклучи дополнителни 302 милијарди долари за директно трошење во буџетските расходи, како дел од вториот пакет мерки за ублажување на економското влијание на пандемијата на коронавирус, а денеска се очекува одлуката, пренесува Reuters.

Трошењето на 32.500 милијарди јени (302 милијарди долари) ќе биде дел од стимулативната програма вредна 110.000 милијарди јени (1.000 милијарди долари).

Оваа сума ја надминува вредноста на претходното зголемување на буџетските расходи за економска поддршка од 25.600 милијарди јени (240 милијарди долари) со што вкупните вонредни средства што државата досега ги вети ќе надминат 58.000 милијарди јени (540 милијарди долари), со цел да се намалат негативните ефекти од здравствената криза врз економската активност.

Рекорден пакет мерки

Зголемувањето на буџетската потрошувачка подразбира и издавање дополнителни државни обврзници.

Јапонија донесе рекорден пакет во април од 117.000 милијарди јени (1.000 милијарди долари) којшто се фокусираше на исплата на готовина за домаќинствата и за санирање на директна штета од пандемијата.

Јапонскиот премиер Шинзо Абе рече дека вкупниот обем на стимулации од двата економски пакети ќе надмине 200.000 милијарди јени (1.860 милијарди долари), што е околу 40% од БДП на Јапонија.

Фото: Pixabay