За помалку од 24 часа, за едно работно место се пријавиле 1.000 лица

370

Велика Британија е една од најтешко погодените земји во текот на корона кризата, а од неодамна дозволи отворање на баровите и рестораните, кои со месеци беа под клуч. Економската нестабилност ширум светот, па и таму доведе до губење на работните места, масовни откази, работа од далечина… Но, работата од далечина за многу не е опција, особено за оние вработени во услужен сектор.

Неодамна се прошири веста за еден ресторан во Манчестер, кој објавил оглас за нов работник, а сопствениците останале запрепастени кога виделе колку лица испратиле пријава. Очекувале 30-тина заинтересирани, но за позицијата се пријавиле 963 лица и тоа за помалку од еден ден.

Како што наведоа, во тој временски период оптимално очекувале 30 пријави, меѓутоа оваа висока цифра е показател каква е ситуацијата во Велика Британија. Она што забележале е дека се пријавиле и висококвалификувани работници од други струки.

Угостителството во изминатиот период претрпе голема штета, а кога објектите ги отворија своите врати, имаа предизвик во организирање на просторот од физичка дистанца, нов распоред за затворен простор, дезинфекција, до ограничено работно време.

Инаку, Euronews објави ажуриран список на компании во Европа што ги намалуваат работните места целосно или делумно поради Ковид-19.

British Petroleum (10.000 работни места)

Британскиот нафтен гигант BP објави дека планира да намали 10.000 работни места, како резултат на кризата со коронавирус, што ја намали глобалната побарувачка за нафта и ги намали цените.

Извршниот директор, Бернард Луни го потврди намалувањето на работните места, велејќи дека повеќето ќе бидат направени оваа година.

Тој рече: “Сега ќе започнеме со процес со кој околу 10.000 луѓе ќе го напуштат ВР – најголемиот број од нив до крајот на оваа година“.

Иако во пораката не се прецизира каде ќе има технолошки вишок, во неа се вели: “Поголемиот дел од засегнатите лица ќе бидат оние кои работат во канцеларија. Ние ја заштитуваме ‘фронт-линијата’ на компанијата и како секогаш, даваме приоритет на безбедни и сигурни операции“.

Pret A Manger (30 продавници)

Силно погодена од Ковид -19 во однос на “протокот на пари“ (готовинскиот тек) и “оперативните трошоци“, синџирот на продавници за сендвичи во изјавата во која што имаше увид  Euronews вели дека ќе затвори 30 продажни места низ целата земја, речиси половина од нив во Лондон.

Pret A Manger не соопшти колку работни места ќе бидат скратени. Компанијата вработува околу 8.000 луѓе во Велика Британија.

Mulberry (25% од работната сила)

Дури и луксузната мода не може да “куртули“ од коронавирус. Mulberry, британскиот бренд познат по своите кожни производи и скапите чанти, соопшти во понеделникот дека ќе намали 25% од бројот на вработени ширум светот.

Се очекува поголемиот дел од работните места да бидат во Велика Британија каде што работи огромното мнозинство од нејзиниот персонал.

Фото: Freepik