За прв пат по повеќе од еден век, Русија доцни со плаќање на надворешниот долг

72

Русија задоцни со плаќањето на својот надворешен долг за првпат по повеќе од 100 години откако не го испочитува крајниот рок што истече на полноќ. Москва ги имаше потребните 100 милиони долари за исплата, но поради санкциите, меѓународните кредитори не можеа да ги добијат парите.

Кремљ сакаше по секоја цена да го избегне доцнењето, што се смета за силен удар врз престижот на државата. Руското министерство за финансии ја опиша ситуацијата како фарса.

Сумата од 100 милиони долари била испратена во банката „Јуроклир“ на 27 мај, но парите оттогаш биле заглавени таму и кредиторите не ги добиле.

Последен пат кога Русија задоцнила со отплатата на својот надворешен долг било во 1918 година, за време на Октомвриската револуција, кога новиот комунистички лидер Владимир Ленин одбил да го плати долгот на Руското царство.

И покрај санкциите, руската влада беше решена да ги отплаќа сите долгови на време, што досега ѝ успеваше. Околу 40 милијарди од рускиот долг е во долари и евра.