За прв пат во Европа повеќе струја од ветер отколку од гас

36

Производството на електрична енергија од енергијата на ветерот во 2023 година за првпат го надмина производството од гасните централи во Европа, што придонесе за намалување на емисиите на јаглерод, покажуваат новите податоци на независниот институт Ember.
ЕУ го зголемува производството од обновливи извори како дел од напорите да го одвикне блокот од руското гориво и да помогне во исполнувањето на климатската цел за нето нула емисии на CO2 до 2050 година.

Производството на електрична енергија од фосилни горива падна во 2023 година за рекордни 19 отсто во споредба со 2022 година, при што производството од електрани на гас е намалено за 15 отсто, а јаглен за 26 отсто, пренесува Ројтерс податоци од извештајот Ембер.

Истовремено, производството од ветер се зголемило за 13 отсто и покривало 18 отсто од европскиот микс.

– Европа е на патот на постепено исфрлање на јагленот и сега имаме четири последователни години на пад на производството на електрична енергија од гас и веруваме дека тоа ќе продолжи – изјави за Ројтерс лидерот на Ембер, Дејв Џонс.

Извештајот покажа дека намалувањето на производството на електрична енергија од фосилни горива и зголемувањето од обновливите и нуклеарната енергија резултирале со намалување на емисиите на јаглерод во енергетскиот сектор за 19 отсто.

Податоците покажуваат дека речиси 17 отсто од електричната енергија во ЕУ била произведена од гас во 2023 година, а нешто повеќе од 12 отсто од јаглен.

Најголем извор на производство на електрична енергија беше нуклеарната енергија, со учество од речиси 23 отсто, додека сончевата енергија обезбеди девет отсто, објави Ројтерс. Вкупниот удел на електрична енергија од обновливи извори во 2023 година изнесуваше рекордни 44 проценти.

Податоците покажуваат и дека побарувачката за електрична енергија во 2023 година се намалила за 3,4 отсто поради падот на потрошувачката во индустријата и благото време, но Џонс очекува раст во 2024 година, бидејќи се повеќе производи работат на електрична енергија.

– Обновливите извори мора да бидат во чекор со зголемувањето на побарувачката за да се постигнат неопходните намалени емисии – изјави првиот човек на Ембера.