Одржливоста на социјалните претпријатија сè уште претставува предизвик за регионот, вклучително и за Македонија.
Без обезбедување на континуирани инвестиции и формирање соодветни финансиски инструменти за нивен развој, социјалните претпријатија и понатаму ќе се соочуваат со предизвиците за нивно опстојување. Системското издвојување, препознавањeи согледување на состојбите во оваа гранка од економијата, пак, ќе помогне за подобро дефинирање на институционалната поддршка на централно и на локално ниво.
Ова беа главните теми на обуките што Конект ги спроведе во Струмица, Тетово и Битола. На нив беа понудени и решенија како да се изгради здраво, самоодржливо социјално претпријатие. На обуките се претставија и постојни и потенцијални социјални претпријатија, а составот на учесниците овозможи дискусија за можни соработки и модалитети на поддршка од другите сектори.
Според експертските проценки, во Македонија во моментов постојат помеѓу 40 и 100 активни или потенцијални социјални претпријатија. Тие се сè уште во нивната рана развојна фаза, најголем број од нив имаат бизнис план или се во фазата на негово тестирање. Овој сектор е составен најмногу од мали субјекти што вработуваат помалку од 10 лица и имаат годишен приход понизок од 100 илјади евра.
“Социјалните претпријатија се одличен социо-економски модел за Македонија бидејќи креираат економски развој, но истовремено нудат и решенија на проблемите во заедницата. Во нивна поддршка треба да се вклучат: институциите на централно и локално ниво, бизнисот, граѓанскиот сектор и донаторите“, истакна Виктор Мирчевски, програмски раководител на Конект.
Обуките беа спроведени во рамки на проектот “Поддршка за развој на локални социјални претпријатија“ кофинансиран од Министерството за економија на Република Македонија. На нив учествуваа 75 претставници од бизнис секторот, институциите и актуелни и идни социјални претприемачи.
Конект во континуитет работи на градење средина за развој на социјалните претпријатија, како и партнерства помеѓу општествено одговорните компании и социјалните претпријатија, соработка која се реализира на различни начин:, менторство, финансирање, корпоративно волонтирање, внесување во снабдувачките синџири на компаниите итн.
Конект е корисник на институционален грант од Цивика мобилитас.