За шест месеци странски инвестиции од 122,6 милиони евра

52

Нивото на странски инвестиции, кое го имаме во првата половина од 2020 година, е околу 122,6 милиони евра и е поголемо ниво во однос на периодот јануари-јуни 2019 година, кога изнесувале 94,6 милиони евра, рече денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој денеска беше во посета на компанијата Дура, која во технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 во Бунарџик реализира три инвестициски проекти во нови производни капацитети.

Вицепремиерот Битиќи, во придружба на извршниот директор на Дура Аутомотив, Мајкл Бекет и директорот на фабриката во Скопје Педро Коста, изврши обиколка на сите три локации каде што се реализираат инвестициските проекти и изрази задоволство од динамиката на опремување и изградба на фабриките. Активностите кои ги спроведува Дура, светски позната компанија, глобален снабдувач на оригинални компоненти за најреномираните производители на автомобили ширум светот, покажуваат дека нивните планови се многу сериозни и дека ова е само почеток на една успешна приказна во нашата земја.

“Оваа светски позната компанија од автомобилската индустрија,  реализира инвестиција, да бидам попрецизен три инвестиции во технолошко-индустриската развојна зона 2 во Скопје, во чие комплетирање, според бизнис плановите, се планирани околу 100 милиони евра, а би се вработиле околу 500 лица. Направивме увид во прогресот на активности на сите три фабрики на Дура, тоа се Дура Аутомотив Екстериор, Стракчрс и Екстружнс, а разговаравме и за натамошните планови на компанијата, но и за предизвиците со кои се соочуваат. Јас сум задоволен од ова што го гледам, од интензитетот и динамиката на реализација на инвестициите. Првата фабрика Дура Екстериор, која почнаа да ја градат во втората половина на 2018 година, за само една и пол година започна со производство и веќе функционира со околу 60-ина вработени, втората фабрика Стракчрс, која ја започнаа на почетокот на оваа година, веќе се опремува и таму има околу 60-ина вработени, кои се пратени на практична обука, додека третата фабрика интензивно се гради“, соопшти Вицепремиерот.

Вицепремериерот посочи дека членството во НАТО дефинитивно придонесе за дополнителна стабилност и сигурност на земјата, што исто така може да се земе како уште еден аргумент за унапредување на бизнис климата и се разбира препознавање  на  Северна Македонија како одлична локација за инвестиции на многу други компании.

“Ја користам оваа можност да укажам на сите инвеститори, домашни и странски дека во Владата ќе имаат силен партнер и поддржувач за реализација на нивните проекти. Ние нема да се мешаме во бизнисот на компаниите, но дефинитивно сме тука ако треба поддршка за зголемување на конкурентноста. Законот за финансиска поддршка на инвестиции, Законот за технолошко индустриски развојни зони, па и Законот за стратешки инвестиции, ни даваат широка лепеза на мерки со кои можеме да поттикнеме нови инвестиции, кои пак ќе значат побрз и одржлив економски раст и развој, нови работни места, повисоки плати, генерално подобар живот на граѓаните. Мене лично ме радува нивото на странски инвестиции, кое го имаме во првата половина од 2020, кое е околу 122,6 милиони евра и е поголемо ниво во однос на периодот јануари-јуни 2019 година, кога изнесувале 94,6 милиони евра. Со оглед на глобалниот тренд на странски директни инвестиции, кој покажува намалување на СДИ за неверојатни 49%, односно неверојатни 75% намалување на инвестиции во развиените земји во првите шест месеци од 2020 година, би сакал да истакнам дека кај нас и покрај кризата имаме стабилно ниво на странски директни инвестиции, работите се одвиваат генерално во добра насока“, нагласи вицепремиерот Битиќи при посетата на инвестициските проекти на Дура во ТИРЗ Скопје 2.

Извршниот директор на Дура Аутомотив, Мајкл Бекет, изрази задоволство од досегашната соработка со Владата и другите државни институции. Тој објасни дека Дура Аутомотив е во сопственост на  инвестицискиот фонд Мiddle Ground Capital Partners, со седиште во Кентаки, САД, и ги потврди инвестициските планови кои подразбираат инвестиции од околу 100 милиони евра во наредните 12 месеци и отворање на 500 работни места до 2022 година.

“Првата фабрика ќе произведува разни премиум компоненти како што се алуминиумски држачи за возила и странични лајсни. Нашиот втор проект овде е да правиме литиумски батерии за електрични возила. Го гледаме позитивниот тренд на пазарот за вакви возила кои имаат нула емисија на штетни гасови, односно се „зелени“ производи. Третиот проект ќе биде фабрика со вертикално интегративен систем,  со кој ќе произведуваме наши алуминиумски ултра лесни профили за електрични возила“, рече извршниот директор на Дура Мајкл Бекет.