Секоја компанија има потреба од финансиски средства за да го започне своето работење, но и да го одржува во континуитет. Во случај кога се појавува недостиг од сопствени финансии, компаниите таа празнина ја пополнуваат преку други извори на финансирање. Еден од најчестите е секако подигнување кредит од банка.
Па така, според податоците на Народна банка, факторите што влијаат врз побарувачката на корпоративни кредити, кај групата “потреби од финансирање“, инвестициите во основни средства и натаму се главен фактор што делува кон зголемување на побарувачката.
Останатите фактори од оваа група, како што се наведува, односно инвестициите во залихи и обртен капитал и преструктуирање на долгот, исто така, делуваат кон зголемување на побарувачката
Кај групата фактори “употреба на алтернативно финансирање“, интерното финансирање и заемите од останатите банки делуваат кон намалена побарувачка.
Според анкетата за кредитна активност во третиот квартал на Народна банка, банките укажуваат на минимално нето намалување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити. Воедно, и очекувањата на банките во минатата анкета беа во насока на зголемување на побарувачката на кредити во третиот квартал. За четвртото тримесечје банките укажуваат на раст на вкупната побарувачка, којшто е посилен во споредба со очекувањата од претходната анкета.
Во третиот квартал на 2019 година се забележува натамошно нето-олеснување на условите за одобрување корпоративни кредити, со слична динамика како во претходната анкета. Нето олеснувањето е поизразено за кредитите на малите и средни претпријатија и за краткорочните кредити. Сепак, поголем дел од банките (82%) укажуваат на непроменети услови при одобрувањето кредити на претпријатијата.
За четвртиот квартал од 2019 година, банките упатуваат на нето олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити, со слична динамика како во претходната анкета.
Фото: Pixabay