За успешен бизнис суштински фактор се луѓето

131

DSCN0212“Што е HR? Тоа е раководење со луѓето. Но прво, што е менаџмент? Најпроста дефиниција е раководење со луѓе, опрема и производ. Да го разгледаме првиот елемент, луѓето. Па која машина може да стартува без човек? Луѓето ви се суштински фактор ако сакате да зборувате за успешен бизнис. Да, квалитетен производ ви треба, но квалитетен производ не можете да измислите ако немате луѓе”, рече Поликарп Арсеновски, регионален менаџер на претставништвото Wrigley, говорејќи на тема Управување со човечки капитал во ЦЕЕД Македонија.

За тоа колку е лесно или тешко да се изберат вистинските вработени, но и како понатаму тие да се мотивираат и да се задржат, за принципите на компанијата Алкалоид пред присутните од Top Class програмата говореше Никола Ефтимов, раководител на сектор за Човечки ресурси.

“Тоа е одговорна задача. Ние за таа цел имаме цел процес на селекција, тестирања и интервјуа. Не е лесно воопшто, меѓутоа Македонија е земја на паметни луѓе, потенцијално квалитетни млади кадри. Зависи од позициите, зависи од местото, од потребите, секогаш мора да се работи доста со тие млади луѓе, поради тоа што очекувањата на разни генерации се различни. Меѓутоа, ние применуваме менторски систем, искусните луѓе работат со младите, апсолутно отворени за нивните разлики во сфаќањата, а имаме и програми за доедукација”, рече Ефтимов.

Но, од каде да се почне во обуките на вработените?

“Кога зборуваме за тренинг, кај нас тазе поставените менаџери на тренингот гледаат како на волшебно стапче што ќе им ги реши проблемите. А не е така. Има два типа на тренинзи. Едниот е тој што ќе ги научи луѓето технички како треба да си ја работат работата. Вториот аспект е оној т.н. soft skills, да ги научи луѓето на комуникации, начин на преговори, тајм менаџмент, организациски способности, презентациски способности, лидерски способности, емотивна интелигенција. Двата типа на обуки бараат различен пристап”, го сподели своето искуство Јелица Ивановска, менаџер за Човечки ресурси во Johnson Controls.