За увоз на три милиони тони кафе лани потрошени 7,5 милијарди евра

11

Денеска е Интернационален ден на кафето, поради што Eurostat споделува статистички бројки поврзани со овој напиток во рамки на Европската унија.

Па така, во 2019 година, земјите членки на ЕУ увезле три милиони тони кафе од странство, што е за 14% повеќе во споредба со 2009-та година. На увоз на кафе, земјите потрошиле 7,5 милијарди евра.

Најголем дел од увозот во 2019-та е од две земји што не се членки на Унијата: Бразил (932.000 тони или 31% од вкупниот увоз) и Виетнам (673.000 тони или 22% од вкупниот увоз. Потоа следуваат: Хондурас (221.000 тони), Колумбија (166.000 тони), Уганда (145.000 тони), Индија (137.000 тони), Перу (113.000 тони), Етиопија и Швајцарија (по 80.000 тони) и Индонезија (77.000 тони).

Како најголеми увозници на кафе во рамки на Унијата беа: Германија (1,1 милион тони или 37% од вкупниот увоз), Италија (604.000 тони или 20%), Белгија (303.000 тони или 10%), Шпанија (273.000 тони или 9%) и Франција (236.000 тони или 8%).

Во текот на минатата година, над 1,8 милиони тони кафе се произведени во ЕУ, што е 3% повеќе во однос на 10 години. Производството на кафе во ЕУ лани достигна вредност од 10 милијарди евра и е околу 4,1 килограми кафе по глава жител во 2019-та година.

Меѓу земјите членки на ЕУ, Германија е најголем производител на пржено кафе (572.000 тони или 31% од вкупното производство во ЕУ). Потоа следат: Италија (508.000 тони), Шпанија (143.000 тони), Холандија (136.000 тони), Франција (133.000 тони) и Шведска (91.000 тони).

Фото: Pexels