За увозно кафе лани потрошени 24,4 милиони долари

105

Македонија минатата година увезла кафе во вредност од 24,4 милиони долари или 6,6% помалку во однос на 2018 година. Со овој увоз, земјава е 69-та во светски рамки, покажуваат податоците на World’s top exports.

На глобално ниво, увозот на кафе во 2019 година достигна 30,2 милијарди долари, а најголем удел од 19,4% имаат САД со 5,8 милијарди долари.

Меѓу најголемите увозници на кафе во светот се и: Германија (3,2 милијарди долари), Франција (2,7 милијарди долари), Италија (1,6 милијарди долари) и Јапонија (1,2 милијарди долари).

Од регионот, најголем увоз на кафе има Грција од 236,2 милиони долари. Потоа следуваат: Бугарија (122,3 милиони долари), Словенија (102,2 милиони долари), Србија (73,3 милиони долари),  Хрватска (71,8 милиони долари), Босна и Херцеговина (50,9 милиони долари) и Албанија (24,7 милиони долари).

Фото: Freepik