За време на пандемијата, светот добиваше нов милијардер на секои 30 часа

84

За време на пандемијата на коронавирус, светот доби 573 нови милијардери.

Тоа значи дека вкупниот број на милијардери се искачи на 2.668 од 2020 година, според анализата објавена во неделата од Оксфам, конфедерација на добротворни организации фокусирани на ублажување на глобалната сиромаштија.

Оваа информација може да се претстави и на следниот начин. За време на пандемијата, светот добиваше нов милијардер на секои 30 часа.

Извештајот, кој се потпира на податоците собрани од Форбс, ги разгледува зголемените нееднаквости во последните две години, а Оксфам речиси традиционално ги објавува податоците пред Светскиот економски форум во Давос.

Вкупната нето вредност на милијардерите се зголеми за 3,8 трилиони долари, или 42%. Голем дел од зголемувањето е поттикнато од успехот на берзата, помогнато со инјектирање пари во глобалната економија за да се ублажи финансиското влијание на коронавирусот.

Во исто време, Ковид-19, зголемената нееднаквост и зголемувањето на цените на храната може да турнат дури 263 милиони луѓе во екстремна сиромаштија оваа година.

„Никогаш не сум видел нешто слично“

„Никогаш во историјата не сум видел толку драматичен раст на сиромаштијата и раст на богатството во исто време“, рече Макс Лосон, шеф на политиката за нееднаквост во Оксфам.

Потрошувачите ширум светот се борат со зголемените трошоци за енергија и храна, но корпорациите во овие индустрии и нивните лидери имаат корист од зголемените цени.

Милијардерите во секторот за храна и агробизнис забележаа зголемување на вкупното богатство од 382 милијарди долари, или 45%, во последните две години, по прилагодувањето на инфлацијата.